Селекторот на Македонија, Благоја Милевски изрази жалење за испуштената победа над Велс, откако во последните секунди гостите постигнаа гол, и останаа непоразени.
Милевски им честиташе на фудбалерите за прикажаното. Тој рече дека против себе имале сериозен противник, и жали што на тој начин Македонија ја испушти победата.
„Пред се честитки за фудбалерите за покажаното на теренот. Има некоја горчина што на тој начин заврши мечот, но не можам а да не бидам задоволен. Имавме и тоа како сериозен противник. Се работи за играчи од Премиерлигата, од Франција. Како тим видовте и самите сериозни, агресивни, на највисоко можно ниво, но нашите играчи покажаа од собир во собир напредуваат, од меч во меч напредуваат, и мислам дека уште тој фактор плус ни недостасува за да бидеме над топ репрезентации како што е Велс. Моравме да останеме фокусирани во тие последни секунди, жалиме за тие два бода, и на крајот мислам дека нерешеното е најреално. Од една страна ми е тешко што примивме гол во последните секунди, но нема простор за разочарување затоа што Македонија покажа дека може да биде рамо до рамо со најдобрите, а Велс е една од сериозните репрезентации во Европа“, рече Милевски.
Селекторот изјави дека играчите не се израдувале пред време за на крајот да испуштат три бода.
„Не би рекол дека се израдуваа играчите пред време, и начинот на кој го примивме гол преголем број сплет на околности, но има такви момент, мора да останете фокусиран до крајот, не верувам дека момците од еуфоричност направија грешки, но такви моменти се случуваат. Да завршеше без голови, можеби ќе беа сите задоволни, а вака се чувствува некоја горчина за загубените два бода“, дополни Милевски.
„Момците покажаа дека немаат пардон кон никого и дека може да бидат конкурентни и против репрезентација како што е Велс“, изјави Милевски.
Предводникот на националниот тим уште еднаш повтори дека на сите им било тешко овие денови поради околностите, мислејќи на трагедијата во Кочани.
„Имајќи ги во предвид околностите кои беа пред мечот со Лихтенташјн, не можам а да не бидам задоволен. Немам ниту најмала замерка за било кој од нив. Не сакам никогаш повторно да имаме вакви околности“, рече Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА