Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот на фудбалери кои ќе ги бранат боите на националниот тим за претстојните пријателски средби со Молдавија (22 март) и Црна Гора (25 март) што нашите фудбалери ќе ги играат во Анталија.
Како што веќе најавивме, деби за националниот тим на овој двомеч ќе има напаѓачот Лирим Ќамили, кој настапува за данскиот Хвидовре од каде доаѓа и дефанзивецот Ахмед Иљазовски. Одлична вест за одбраната е камбекот на Дарко Велковски, кој се враќа во репрезентацијата откако конечно најде нов клупски ангажман и веќе одигра неколку квалитетни натпревари во дресот на Динамо Букурешт. Шанса се очекува да добие и Давор Здравковски, кој игра стандардно во шкотскиот премиерлигаш Мадервел.
„Натпреварите против Молдавија и Црна Гора ни се многу важни во подготовките за следните квалификации, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво. На тренинзите и натпреварите треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто. Тоа ќе го барам од сите во тимот. Фокусот ќе биде на тактичките замисли и како треба да изгледаме во Лигата на нации, а тоа значи игра во која ќе бидеме рационални, паметни, агресивни, компактни и фокусирани“, изјави селекторот Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА