ЕКИПА во Ереван, Ерменија
Владимир Булатовиќ
Македонскиот селектор Благоја Милевски е сигурен дека македонските репрезентативци ќе ги повторат страста, желбата и мотивот со кои му пристапија на натпреварот против Летонија во Рига, па повторно ќе се дојде до позитивен резултат и на утрешниот натпревар против Ерменија во 4. коло од Ц-Лигата на нациите на УЕФА.
„Нема некоја посебна подготовка за утрешниот натпревар. Ние, впрочем, за секој натпревар се подготвуваме максимално. Утре не чека тежок противник, некако судбина ни стана со Ерменија да одлучуваме натпревари изминативе години, па така ќе биде и сега. Како и на секој претходен наш дуел најважно е како ние ќе се однесуваме на терен“ – истакна Милевски на прес-конференцијата во Ереван, и дополни:
„И претходно кажав дека натпреварите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучуваат за првото место во групата и се уште стојам зад тоа. Пред почетокот на октомврискиот циклус реков дека наша цел е да го задржиме првото место во групата, па тоа е целта и по утрешниот меч. Воопшто не сакам да се потсетуваме на претходните дуели со Ерменците, затоа што секој натпревар си е посебен, сам за себе, и си носи своја специфика поради што за секој се подготвуваме како нова посебна приказна“.
Македонија со победа утре против Ерменија може дури и на две кола пред крајот на Лигата на нациите да го осигура првото место и пласман во Б-лигата од Лигата на нациите.
„Воопшто не навлегуваме во било какви комбинаторики. Единствено мислиме на Ерменија, концентрирани сме само на утрешниот меч и нашата цел, а потоа секако ќе си дојде остварувањето и на генералната цел“ – истакна селекторот Милевски на средбата со медиумите во Ерменија.
Дали Висар Муслиу ќе биде подготвен за утрешниот натпревар?
„Висар се чувствува далеку подобро денеска, но ќе видиме како повредата ќе се однесува на денешниот тренинг, по што ќе одлучиме дали ќе може да настапи“ – вели Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА