Милевски: Важно е да го заокружиме циклусот на најдобар начин, а ќе видиме што тоа ќе ни донесе на крај

Македонската репрезентација до 21 година на 12. ноември против Израел и на 17. ноември против Црна Гора во Скопје ја очекуваат последните два натпревари од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2021.

Селекторот на нашата млада репрезентација, Благоја Милевски е сигурен дека неговите избраници ќе дадат се од себе за победи на овие два меча, иако и тоа може да биде недоволно за пласман на ЕП.

„Многу е важно да ги заокружиме овие квалификации со натпревари во кои ќе прикажеме добра игра и секако ќе бараме победа. Во двата претходни меча игравме без тројца стандардни фудбалери од првиот состав, Ристовски, Серафимов и Фазлагиќ, а против Израел бевме и без Руфати. За дуелите кои следуваат повторно не можеме да сметаме на Ристовски и Фазлагиќ, но се враќаат Серафимов и Руфати. Впечатокот е дека направивме одлична селекција, играме квалитетен циклус, се надевам дека во таа насока и ќе завршиме, а ќе видиме што ќе ни донесе тоа на крај. Голем дел од фудбалерите веќе потврдија дека имаат потенцијал за А репрезентацијата, а тоа значи дека сме направиле добра работа“  вели селекторот на Македонија до 21 година, Благоја Милевски.

Македонија е на второто место во групата 6 од квалификациите за ЕП со 14 бода. Израел има 12 на третото место, Шпанија е прва со 22. Црна Гора е петта со седум освоени бодови, зад Казахстан со 10. Последен е Фарски Острови со шест бодови.

Се вчитува...