Милевски: Вербата во себе ќе ни биде најсилен адут и на Европското првенство

Десетина дена остануваат за глазура на формата пред најважниот настан во историјата на македонскиот фудбал. Првпат една наша селекција ќе биде дел од Европско првенство, а сите погледи се насочени кон нашит херои, селекторот Благоја Милевски и младите репрезентативци. Тие се собраа на финални подготовки и им преостанува да ја темпираат формата токму за најважните дуели, против Шпанија, Србија и Португалија, на ЕП во Полска.

Селекторот Милевски, мирен, скромен, но и секогаш со однапред прецизиран план, знае што е најважно во моментот. Да се задржи и уште повеќе да се засили мотивацијата кај фудбалерите, самодовербата да биде на највисоко ниво.

IMG_7106

„Вербата во себе ќе биде нашиот најсилен адут и на Европското првенство во Полска. Ова се истите фудбалери кои одиграа фантастични квалификации, завршија на првото место во групата пред Франција, Украина, Исланд, и сигурно дека имаат квалитети достојни за да се носат и со ривалите на ЕП во Полска. Ние сме речиси истите, со уште неколку надополнувања од помладата генерација, и нема да менуваме речиси ништо во пристапот. Желбата е максимална, мотивацијата исто така, сите фудбалери со гордост го носат македонскиот дрес. Не се сомневам дека така ќе биде и на Европското првенство“, вели за ЕКИПА, селекторот Благоја Милевски.

Се вчитува...