ЕКИПА во Рим,
Никола Станикевски
Фудбалската репрезентација на Македонија в петок од 20.45 часот на „Олимпико“ ќе и гостува на Италија во натпревар од 7. коло во квалификациите за пласман на Европското првенство кое следното лето ќе се игра во Германија.
Селекторот на репрезентацијата на Македонија, Благоја Милевски пред утрешниот меч вели дека ако се занимаваш со спорт целта ти е секогаш позитивен исход.
„Кога работиш како спортски работник секогаш очекуваш успешна работа. Не се менува ништо и во овој случај, бидејќи не сме дојдени како туристи и затоа очекувам да дадеме се од себе и да стигнеме до позитивен резултат. Многу пати кажувам дека секој меч е посебна приказна. Ниту еден натпревар не наликува на претходниот или на тој по него. Мечот кој не очекува утре е сам по себе посебен и носи убавина и секако и тежина, но ние сме тука да дадеме сето тоа што е најквалитетно од нас за да го продолжиме тоа што го започнавме во септември и октомври. Во фаза сме на создавање млад тим кој ќе биде конкурентен во следните четири до пет години. Ние имаме своја цел иако немаме резултатски императив, но кога играте за својата држава мора да го дадете максимумот и да извлечете најдобро од себе. Не очекува меч против топ 3 репрезентации во светот не само во Европа, но ние покажавме дека можеме да бидеме конкурентни“, вели Милевски.
Околу тимот со кој ќе игра Италија утре не очекува некоја промена во играта, бидејќи Италијанците имаат квалитетен број играчи на секоја позиција.
„Мислам дека нема да има големи промени во составот, бидејќи Спалети располега со голем број квалитетни играчи на сите позиции. Италија има фудбалери со големо реноме и квалитет и затоа не очекувам голема промена. Но, секој има свој план како треба да функционира, па така и Италија и ние, па ќе видиме што ќе ни донесе натпреварот. Не обрнувам многу внимание на тоа како размислуваат Италијанците, фокусот е на мојот тим и моите играчи. Тактички, физички и ментално треба да бидеме на највисоко можно ниво ако сакаме позитивен резултат. За противникот нема што да трошиме зборови, фокусот треба да остане на нас“, вели Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА