Милевски: За жал повторно нема да бидеме комплетни, Адеми се повреди, Чурлинов и Костадинов се уште не се подготвени

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Боби Милевски го објави списокот на фудбалери за контролните два натпревари против Финска (17. ноември, 18:00 часот) и Азербејџан (20. ноември, 14:00 часот) на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Селекторот на прес-конференцијата вели дека повторно нема да бидат комплетни поради голем број на повреди на фудбалерите. Нема да може да смета повторно на Аријан Адеми кој на последниот меч на Динамо Загреб заработи повреда.

„За жал повторно не можеме да бидеме комплетни, но веќе се навикнавме на тоа. Никако да успееме да ги собереме сите кои што се најдобри, но што е тука е. За жал Аријан Адеми повторно нема да биде со нас, откако се здоби со истекнување на задната ложа. Чурлинов, Костадинов и Дени Илиев полека и сигурно се враќаат по повредите, но се уште не можат да бидат со нас. Велковски е на списокот, но 14 дена не е во тимски тренажен процес, така да со него ќе видиме по дополнителните тестирања како ќе биде. Трајковски на 3. ноември почна со тренинзи па неговата подготвеност е на повисоко ниво. Се надевам дека сите што се на список ќе бидат подготвени за мечевите и нема во овој период да доживеат повреди“, изјави Милевски. 

Се вчитува...