Екипата на Наполи ќе биде значително засилена за продолжението од шампионатот во Серија А откако Аркадиуш Милик ги надмина проблемите со повредата и му се стави на располагање на тренерот Сари веќе за утрешниот дуел со Болоња.
Полскиот ас, кој беше доведен од Ајакс како замена за Гонзало Игуаин, заработи тешка повреда на лигаментите на коленото на квалификацискиот натпревар меѓу Полска и Данска во октомври минатата година, поради што четири месеци мина надвор од терените. Во негово отсуство улогата на централен напаѓач експериментално ја доби Белгиецот Мертенс, кој имаше блескави натпревари, но на одредени средби се почувствува отсуството на класичен голгетер како предводник на навалната линија на „наполитанците“.
Само за потсетување, Наполи во текот на јануарскиот преоден рок го доведе и Паволети од Џенова, додека за сума од 20 милиони евра во Саутемптон продаден беше Маноло Габиадини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА