Милинковиќ Савиќ е „алката“ што му недостига на Милан

Милан по ланското скудето сезонава е далеку од посакуваното ниво, а директорот Паоло Малдини е свесен дека се неопходни засилувања на неколку позиции во тимот ако „росонерите“ сакаат повторно да се вмешаат во трката за највисок пласман. Средниот ред сезонава беше „тенок“ и не овозможи преголема помош за напаѓачите, Малдини е решен да донесе квалитетно засилување за овој дел од тимот, а на врвот на листата со желби се наоѓа Сергеј Милинковиќ Савиќ.

Србинот и сезонава игра во добра форма за Лацио, но договорот со римскиот клуб му истекува за една година, поради што „лацијалите“ ќе настојуваат да го продадат летово и да заработат од неговиот трансфер. Тоа ќе се одрази и на цената на Сергеј, за кого Лотито бараше и 80 милиони евра минатото лето, но сега Србинот би можел да си замине и за двојно пониска сума.

„Сонот на Пиоли – Милинковиќ како „треквартиста“, е насловот на денешниот текст на тиражниот весник „Газета дело спорт“, потврдувајќи го интересот на Милан за одличниот фудбалер за врска. На потег сепак ќе биде Малдини, кој ќе треба да изведе нов подвиг и да успее да ја победи конкуренцијата што нема да биде нималку лесно ако се знае дека за овој фудбалер се интересираат и неколку англиски премиерлигаши, со далеку поголеми буџети за засилувања и плати од оној што го има Милан.

Сергеј Милинковиќ Савиќ во последните четири сезони во Серија А има 31 постигнат погодок и 35 асистенции, бројки што јасно покажуваат зошто Милан го сака во своите редови.

Се вчитува...