„Милионерите“ газат се пред себе во Дортмунд

Борусија Дортмунд остана во игра во трката за титулата во Бундес-лигата откако „милионерите“ забележаа уште еден убедлив триумф на домашен терен, демолирајќи го составот на Борусија Менхенгладбах со 5-2. Слично како и на претходните домашни средби, Борусија Дортмунд одигра извонредно прво полувреме во кое ја наполни мрежата на гостите, по што вториот дел мина во рутинско задржување на убедливата предност.

Серијата голови на самиот почеток од мечот ја отвори Мален, кој се најде на вистинското место по една одбиена топка по ударот на Белингем и од неколку метри со глава ја смести зад гол-линијата. На 2-0 зголеми Белингем од пенал откако Але беше фаулиран во шеснаесетникот, а Борусија постигна уште два гола до крајот на полувремето, преку Себастијан Але. Гостите од Менхенгладбах успеаја да го ублажат поразот со пеналот што го реализираше Бенсебаини, а потоа во 86. минута стигнаа и до 4-2 со голот на Штиндл, но не можеа да го загрозат заслужениот триумф на „милионерите“. Напротив, Борусија Дортмунд беше тимот што стави печат на победата, со гол што го постигна Реина во 94. минута.

„Милионерите“ на две кола до крајот имаат еден бод заостанување зад лидерот Баерн Минхен во трката за титулата. Баерн до крајот на сезонава го очекува домашен меч со Лајпциг и гостување против Келн, додека Борусија најпрвин ќе му гостува на Аугсбург, по што во последното коло на домашен терен ќе го пречека Мајнц.

Се вчитува...