Милојевиќ: Од срце благодарам за идејата на Најдоски и Панчев за овој меч, да играме на стадионот со име на мојот омилен пејач

Тренерот на Црвена Звезда, Владан Милојевиќ крајно емотивен на прес-конференцијата по хумантарниот натпревар со Вардар на кој неговиот тим славеше со 1-3.

Сепак, Милојевиќ истакна дека други елементи биле во преден план за овој натпревар, кој се одигра на арената со името, како што рече, на неговиот омилен пејач Тоше Проески.

„Сакам најпрво да искажам искрено сочувство до семејствата на сите настрадани во ужасната трагедија во Кочани, и секако да се заблагодарам на нашиот клуб што без размислување го прифати предлогот за еден ваков хуманитарен чин. Се надевам дека барем малку успеавме да ја ублажиме болката за онаа страшна трагедија. Да се заблагодарам и на нашите великани Илија Најдоски и Дарко Панчев за идејата да се одигра еден ваков натпревар со најголемиот клуб од Македонија и по 30 години Црвена Звезда повторно да се појави на овој преубав стадион кој го носи името на мојот омилен пејач Тоше Проески…“ – рече Милојевиќ и дополни:

„Меч со многу емоции, со многу специфичности поради што сакам да им се заблагодарам на сите навивачи кои дојдоа вечерва на арената, пред се да ги поздравам навивачите на Вардар кои создадоа една убава атмосфера со поддршка за својот тим во текот на целиот натпревар, како и нашите навивачи кои се секогаш со нас. Резултатот на натпреварот секако беше во втор план, но ете сепак ние сме Црвена Звезда и сакаме да одиме на победа на секој меч. Искрено се надевам дека во следна прилика ќе одиграме повторно натпревар со Вардар, но овој пат по некој далеку поубав повод“.

Се вчитува...