Србија славеше со 27-25 на дуелот со Шпанија, резултат со кој нашиот северен сосед широко си го отвори патот кон Европското првенство. Откако во минатиот прозорец загубија на гостувањето во Италија, српските ракометари овојпат одиграа одлично против „црвената фурија“, заслужено стигнувајќи до победата. Значајна улога одигра голманот Дејан Милосављев, со неколку одлични одбрани кога Србија од 21-21 успеа да стигне до предност од 25-21.
Шпанците не се предадоа, дојдоа до 25-24, но Додиќ го постигна клучниот пенал со кој домашната селекција стигна до „плус два“ на една минута до крајот. Гостите постигнаа еден гол до крајот, но немаа време за целосен камбек и на крајот го претрпеа првиот пораз во овој квалификациски циклус, по голот на Кукиќ во последната секунда за конечните 27-25. Илиќ и Кукиќ со по пет и Додиќ и Пешмалбек со по четири гола беа најефикасни во српскиот табор, додека Милосављев го заврши мечот со 12 успешни интервенции.
Многу интересно беше на дуелот меѓу Австрија и Германија што заврши без победник, откако домаќините постигнаа гол во самиот финиш преку Фримел за 26-26. Вагнер беше клучна фигура во австрискиот состав со осум погодоци, додека Гола со пет погодоци беше прв стрелец на Германија во вечерашното реми.
Без победник заврши и дуелот меѓу Полска и Португалија, во кој гостите реализираа во последната миунта за конечни 36-36. Олејничак со девет гола беше главен играч во полскиот табор, додека прв стрелец на Португалија беше Вињас со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

