Милош Кос проговори за инцидентот: Направив голема грешка, тоа ми е животна лекција

Српскиот репрезентативец Милош Кос неславно ја заврши авантурата во Загреб, откако десноракиот „бомбардер“ во физичка пресметка го претепа голманот Матеј Мандиќ, кој мораше да биде опериран и се уште не може да се врати на ракометот.

РК Загреб веднаш го суспендираше Кос, беше покрената и судска постапка против Србинот, а во меѓувреме тој и официјално беше продаден во Бундес-лигата, каде до крајот на оваа сезона ќе го носи дресот на Ерланген.

Кос денеска за првпат проговори за големиот инцидент, преку соопштение до јавноста изразување жалење за несаканата случка.

„Се надевам дека новата 2025 година ќе ми биде посреќна од претходната. Зад мене е тежок период во кој имав време за преиспитување и каење за она што го сторив. Ја користам оваа можност за јавно да се извинам, пред се на мојот пријател и момче со кое израснав и во Љубушки и во Загреб, Матеј Мандиќ. Му посакувам брзо опоравување и се надевам дека наскоро ќе биде подготвен да брани и што побрзо да направи голема кариера каква што заслужува. Голема благодарност до моите довчерашни соиграчи, како и на луѓето од клубот, сите тренери со кои работев во претходните две години. Загреб секогаш го чувствував како свој клуб, место каде што добив шанса да играм со најдобрите во Европа и можам да ги разберам бесот и огорченоста по се она што се случи во соблекувалната по оној дуел со Нант. Направив голема грешка, тоа воедно е и голема животна лекција, која очигледно морав самиот да ја научам. Имам 22 години, пред мене се уште многу сезони во кои ќе дадам се за да бидам запаметен како добар спортист, но пред се добар човек“, напиша Милош Кос.

Се вчитува...