Саво Милошевиќ требаше да ја разбуди заспаната репрезентација на БиХ, но наместо да се случи тоа, босанската национална селекција потона во уште подлабока криза.
Дебито од 0-5 против моќната Португалија не беше прифатено така страшно во јавноста, но кога БиХ загуби со 4-1 од Луксембург стана јасно дека селекторот нема лек за кризата, особено откако српскиот стручњак на прес-конференција по мечот изјави дека тоа се можностите на оваа репрезентација, разочарувајќи ги навивачите.
Дел од поранешните репрезентативци и селектори јавно го критикуваа Милошевиќ, а тој денеска порача дека е подготвен веднаш да си замине ако тоа биде побарано од него.
„Ако сакате да си одам, не е никаков проблем. Само кажете, утре ќе се спакувам и тоа е тоа. Никој не ужива да губи, јас најмалку. Мене сето ова не ми треба, никој не рече дека ќе биде лесно. Загубивме од Луксембург, игравме без пет-шест стандардни првотимци, но јасно ми е зошто навивачите се лути. Ако некој мисли дека имаме подобри играчи од оние кои ги повикувам, живее во заблуда“, изјави Милошевиќ.
Селекцијата на БиХ утре ќе ја пречека Словачка, а во случај на ново резултатско фијаско многу лесно може да се случи Саво Милошевиќ експресно да добие отказ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА