Ливерпул беше најактивен од сите европски гиганти во последниот ден од преодниот рок, „црвените“ ги донесоа Дејвис и Кабак како засилување за одбранбената линија, но пред самиот истек на преодниот рок дадоа и зелено светло за едно заминување од клубот. Јапонскиот репрезентативец Такума Минамино го напушти „Енфилд“ и замина на шестмесечна позајмица во Саутемптон, клуб каде крилниот офанзивец се надева на многу поголема минутажа од онаа што ја имаше кај Јирген Клоп.
Јапонецот пристигна минатиот јануари од Салцбург, но не се изнаигра во дресот на Ливерпул. Тој последен пат настапи на гостувањето против Кристал Палас, постигнувајќи и гол во убедливиот триумф од 0-7, но Клоп оттогаш не сметаше на неговите услуги, па кога пристигна понудата од Саутемптон челниците на Ливерпул решија да ја прифатат и да му дозволат на Минамино да замине во клуб каде ќе може да ги покаже своите квалитети, за на крајот од сезоната да се врати повторно на „Енфилд“.
Воедно, Јирген Клоп при промоцијата на Кабак соопшти и лоша вест за „црвените“, повредата на Жоел Матип заработена на гостувањето со Тотенхем е крајно сериозна, оштетени се лигаментите во скочниот зглоб, по што камерунскиот дефанзивец ќе паузира до крајот од сезонава. Матип е третиот одбранбен фудбалер што ќе биде „во аут“ до јуни, по Вирџил ван Дајк и Џо Гомез, што всушност беше и причината Ливерпул во последниот ден од преодниот рок да донесе двајца нови дефанзивци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

