Минесота е во финалето на „западот“, Бостон остана во живот

Минесота е првиот финалист во Западната конференција откако оваа екипа забележа четири победи во низа и славеше со 4-1 во полуфиналната серија против Голден Стејт, добивајќи го последниот дуел на домашен терен со 121-110. „Воините“ беа подобри на првиот меч, но на тој дуел го загубија Стеф Кари, а без помошта на најдобриот шутер во НБА немаа начин да му се спротивстават на моќниот состав на Минесота.

Џулиус Рендл беше човекот на одлука на последниот меч со 29 поени и одличен шут од поле 13/18. Ентони Едвардс исто така беше расположен за игра, реализирајќи 22 поени и 12 асистенции. Подзиемски беше прв стрелец на Голден Стејт со 28 поени, два помалку постигна Куминга што сепак беше премалку за да се избегне елиминацијата во оваа плејоф-серија.

Шампионот Бостон се избори за најмалку уште еден натпревар во серијата со Њујорк никс, откако актуелниот првак славеше со 127-102, намалувајќи ја негативата на 3-2. Во првиот меч по тешката повреда на Тејтум заштитен знак на „зелените“ беше шутот од далечина, кошаркарите на Бостон погодија дури 22 тројки што на крајот се покажа пресуден фактор. Дерик Вајт беше предводник со седм тројки и вкупно 34 поени, Браун имаше 26 поени и 12 асистенции, а одличен беше и Корне, со 10 поени, 9 скокови и дури седум блокади.

Во таборот на Њујорк се истакнаа Џош Харт со 24 и Џејлен Брансон со 22 поени, во пресрет на шестиот меч што ќе се игра во „Медисон Сквер Гарден“.

Се вчитува...