Минимален пораз на втората контрола со Црна Гора

Ракометната репрезентација на Македонија претрпе минимален пораз од 30-31 на вториот натпревар против Црна Гора од двомечот што националниот тим го играше против овој ривал во Маврово, како дел од подготовките за СП 2023.

За разлика од првиот меч на кој избраниците на Кире Лазаров целосно доминираа и ги контролираа и играта и резултатот, овојпат Црногорците се покажаа како далеку понезгоден противник. Дуелот беше од затворен карактер, па затоа и нема подетални информации околу текот на натпреварот, освен дека гостите биле поумешни во завршницата, казнувајќи ги нашите промашувања за минимална победа на крајот.

Македонските ракометари остануваат во Маврово до 30 декември, кога ќе се упатат назад кон Скопје. Веќе на 3 јануари ќе следи хуманитарниот меч со селекцијата на ветерани, по што нашата репрезентација ќе замине на турнир во Хрватска, каде ќе се сретне со „коцкестите“ и со селекцијата на Израел.

Македонија својот настап на СП во Краков го почнува на 13 јануари, а прв противник ќе биде селекцијата на Норвешка.

Се вчитува...