Министерот за спорт Борко Ристовски доби признание од Европската атлетска асоцијација како и од Атлетската федерација на Македонија за посветеност на спортот и поддршка на атлетиката.
Европското признание на министерот Ристовски му го врачи претседателот на Европската атлетска асоцијација (ЕАА), Добромир Карамаринов на свечената церемонија во рамките на Конвенцијата на ЕАА што се одржува во Скопје.
„Со особена чест и гордост ги примив признанијата од Европската атлетска асоцијација и од Атлетската федерација на Македонија за безрезервната поддршка на атлетиката. Благодарност до претседателот на Европската атлетска асоцијација, Добромир Караманов и до претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска Зикова кои во Министерството за спорт препознаа вистински партнер.Овие награди се доказ за заедничката работа, напорите и визијата за подобра иднина на македонската атлетика. Како министер за спорт секогаш ќе бидам на страната на спортистите и ќе се залагам за зајакнување и афирмција на спортот во Република Македонија“ – истакна Ристовски.
Министерството за спорт е генерален покровител на Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација што се одржува во Скопје од 22 до 24 ноември.
Во рамките на овој значаен атлетски настан на кој Македонија за прв пат е домаќин, утре во Националната опера и балет ќе се одржи престижната манифестација „Golden Tracks Skopje 2024” на која ќе им бидат доделени наградите на најуспешните во атлетскиот спорт од Европа. Специјален гостин на манифестацијата ќе биде претседателот на Светската атлетска асоцијација и поранешен член на британскиот парламент, Лорд Себастијан Коу.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА