Долгогодишниот ракометен репрезентативец Борко Ристовски запловува и во политички води откако искусниот чувар на мрежата беше именуван како Советник за спорт на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски на денешната прес-конференција објави дека формирал тим од 16 експерти кои ќе му помагаат во креирање на политики, а кога станува збор за спортски теми, тука главен збор се очекува да има Ристовски, кој по одличните одбрани на ЕП во Србија го доби прекарот „Министер за Одбрана“.
„Соработник во спортот ќе ми биде Борко Ристовски, долгогодишен репрезентативец во ракомет, и мислам дека јавноста доволно добро го знае и неговите успеси и на клупски и на репрезентативен план“, истакна Мицковски.
Борко Ристовски моментно настапува за португалскиот прволигаш Бенфика, а во кариерата има настапувано и за екипите на Барселона, Рајн-Некар Левен, Кретеј, Ал Ахли, Гумерсбах, Вардар, Металург…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА