Министерството за спорт денеска во Националната опера и балет во Скопје, организираше свечено доделување на 500 стипендии „Спортска надеж“ за млади талентирани спортисти, членови на националните спортски селекции.
Настанот се одржа под мотото „Поддршка вредна злато“, а министерот Борко Ристовски во своето обраќање ја истакна заложбата на Министерството за спорт за поддршка на младите таленти, обезбедувајќи ги потребните услови за нивен развој и напредок како и континуирана поддршка за зајакнување и подигнување на македонскиот спорт на повисоко ниво.
„Мојата порака до сите вас е никогаш да не се откажувате. Секогаш ќе имате прјател во Министерството за спорт затоа што вашата желба е да се занимавате со спорт, а наша обврска е да ја испочитуваме таа желба и да ве поддржиме на патот кон успехот, на патот кон добри резултати, на патот кон промовирање на Македонија, дома и на меѓународно ниво. И што е за мене многу важно, вие сте основата, вие сте дел од Министерството за спорт, вие сте дел од државата и од општеството и промовирате вистински вредности. Ви честитам на сите добитници на стипендиите и уште еднаш можам да кажам дека секогаш ќе ја имате поддршката од Министерството за спорт и од мене лично како министер. Останете тоа што сте, бидете упорни, истрајни во своите намери, бидете чесни на патот којшто сте одлучиле да го одите и успехот сигурно ќе дојде, порано или подоцна“, истакна министерот Борко Ристовски.
Ристовски најави и дека ќе се заложи во иднина да се зголеми помошта што ја добиваат македонските спортски надежи.
Финансиска поддршка од државата преку проектот „Спортска надеж“, добиваат спортисти на возраст до 20 години кои се македонски репрезентативци, членови на националните селекции до оваа возрасна категорија во сите спортови. Уредбата за доделување на овој вид стипендии им овозможува на сите спортисти, во сите спортови-олимписки и неолиписки, параолимписки и непараолимписки, да бидат рамноправни во распределбата на средствата од овој проект.
Во рамките на свеченото доделување на 500-те стипендиите за младите спортисти, се одржа и трибина на тема „Поддршка во спортот клуч за успехот“ на која своите искуства на патот кон успехот ги споделија таеквондистот Дејан Георгиевски, олимписки медалист од ОИ 2021 во Токио и скијачката Јана Атанасовска, кој испиша историја како прва Македонка што настапила во Светскиот скијачки куп, а мотивирачка порака до младите спортисти упати спортскиот психолог, проф. Ленче Алексовска Величковска.
„За сите спортисти многу значи поддршката. Многу значи кога знаете дека некој стои позади вас. Кога не мислите дали и како ќе стигнете на натпревар или каде ќе тренирате, туку се фокусирате само работата“, истакна Дејан Георгиевски.
„Некогаш финансиите се голем проблем за спортистите. Порано немав никаква поддршка и беше тешко за мене. Некогаш можеби средствата што ги добиваме не се доволни за да се подмират сите потреби, но многу значи кога знаеме дека некој го следи и го цени нашиот прогрес“, рече Јана Атанасовска.
Професорката Ленче Алексовска Величковска ги посочи принципите што треба да ги следат младите спортисти за да ја постигнат целта.
„Патот на спортистите е тежок, но има некокои принципи до кои треба да се придржувате, без разлика дали сте каратисти, џудисти, фудбалери, ракометари… Прво треба да го сакате тоа што го работите. Спортистите се посебни и треба да го следат својот пат, да се изборат со самите себе си, а потоа и со предизвиците“, истакна Алексовска Величковска.
Настанот со својот настап го збогатија светската јуниорска шампионка во хип-хоп, Мила Србиноска и светскиот шампион во модерен балет, Анди Исмаили.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА