Македонската кошаркарска репрезентација со пораз од 72-88 против Словачка ги затвори претквалификациите за Светското првенство 2023. За разлика од првиот меѓусебен дуел во кој ги лимитиравме Словаците на 47 постигнати поени, овој пат избраниците на Бајиќ потфрлија во својот најдобар сегмент од играта и примија речиси двојно повеќе, но и покрај убедливиот пораз го осигураа своето место во следната фаза од натпреварувањето.
Отварањето на натпреварот не беше во полза на Македонија. ‘Црвено-жолтите’ потфрлија во реализацијата на нападите, а Словачка лесно стигаше до поени во нашиот рекет. Сепак како што одминуваа минутите така избраниците на Бајиќ успеаја да го најдат своето темпо, стигнаа и до лесни поени по изгубени топли на противникот, меѓутоа и покрај тоа што Македонија во еден момент стигна и до изедначување истото не беше доволно за позтивен резултат по 10. минути игра (13-17).
Работите за нашата репрезентација се променија со влезот на Николов и Вајли на паркетот, а овој тандем повторно ја покажа својата одлична соработка па преку серија од 10-2, Македонија го превзема водството (23-19). Добриот ритам на ‘црвено-жолтите’ продолжи и во поголемиот дел од втората четвртина, меѓутоа главниот проблем – констатноста во нападот повторно излезе на виделина, а тоа го искористи Словачка која со серија од 9-0 на две и пол минути пред крајот на првото полувреме стигна до предност од 32-38.
Неизградените напади и лошата реализација на Македонија продолжи да биде фактор на натпреварот. На ‘црвено-жолтите’ им беа потребни четири минути да стигнат до првите поени во второто полувреме, а тоа го искористи Словачка која целосна го превзема моментумот. Словаците влегоа и во серија во шутот за три поени па поведоа со +16 (32-48). Македонија до крајот на третата четвртина успеа да ја крене реализација со шутот за три поени, но потфрли во одбраната каде разиграните Словаци ги искористија отворените обиди зад линијата 6,75, најдоа пробив во рекетот и го задржаа големото водство (51-66) пред одлучувачките десет минути.
Одличниот ритам на Словачка за кој Македонија немаше одговор продолжи и во последните десет минути, а Словаците повторно го запреа нашиот напад и успеаја да стигнат и до највисоката предност од +21 (56-77). Избраниците на Бајиќ во вистински момент ги консолидираа своите редови, стигнаа до поени од втора шанса, а со тројките на Николов и Мекиќ стигнаа и до резултатско растеретување. Македонија ја зацврсти и одбраната каде ги сопре лесните поени и ја намали разликата на 12 поени, но не го задржа ритамот до самиот крај. Словачка повторно покажа доминација во последните минути, а со тоа забележа и убедлив триумф.
Предводник на Македонија со 17 поени беше Николов, додека 16 додаде Мекиќ. Како двоцифрени со 15,односно 14 поени натпреварот го завршија и Крстевски и Вајли.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА