Миовски: Беше тешко да се креира завршница на тешкиот терен, но целта е остварена!

Првиот македонски напаѓач, Бојан Миовски не го криеше задоволството од освоените посакувани три бода од новиот натпревар со Летонија во Лигата на нациите, истакнувајќи дека се освоени на исклучително тежок терен за игра.

Но, целта е остварена, а сега останува желбата за заокружување на Лигата на нациите со нови три бода и од дуелот против Фарските острови во недела.

„Тежок натпревар затоа што Летонија играше со пет одбранбени играчи во последната линија, и на еден ваков терен тешко е да креираш посакувана акција во последната зона. Навистина теренот беше тежок за игра, што одеше во прилог на дефанзивно ориентираните Летонци. Затоа и нашиот договор на полувремето беше да останеме смирени и трпеливи, па го реализиравме тоа и потоа дојде и погодокот на Никола кој ни донесе три бода. На вакви натпревари е важен резултатот и треба во таа насока да се игра и на последниот натпревар“ – вели Миовски, и дополнува:

„Имаме сега три дена да се регенерираме добро. Но, кај секој од нас, кога се игра за репрезентацијата нема замор, и со еднаков мотив и желба ќе истрчаме во недела против Фарските острови по три бода. Ние сме фаворити и тоа треба да го покажеме на терен. Да, во модерниот фудбал нема слаби противници, но фаворити сме и треба да излеземе на терен и да освоиме три бода“.

Се вчитува...