Миовски „џокер“ за победа на Македонија (ВИДЕО)

Втора победа во вториот натпревар на Македонија во мартовскиот циклус на натпревари. После Малта, вечерва во Скопје „падна“ и Фарски Острови, во пријателски меч во кој нашата селекција долго се мачеше да го најде патот до голот, а тоа му успеа на нововлезениот Миовски на девет минути пред крајот.

Прво полувреме со неколку добри шанси, но со премногу комбинации и грешки на Македонија. Најдобрата прилика за гол ја имаше Алиоски кој ја погоди пречката, а една комбинација не даде резултат затоа што пред Несторовски интервенираше одбраната. Сето тоа можеше да биде казнето од Фарски Острови кога Јоенсен се најде во добра ситуација, но шутираше само над голот.

Во вториот дел Македонија излезе со истиот стартен состав, а доминцијата и натаму беше присутна, но и натаму без реализација. Потоа Милевски се реши да им даде шанса на Елмас, Миовски, потоа и Ашковски кои ја раздвижија играта на Македонија. Токму Елмас на додавање на Миовски се најде во супер шанса, излезе сам пред голот, меѓутоа голманот на Фарски Острови му одбрани зицер.

Македонија со иницијатива го бараше патот на голот, а го најде во 81. минута. Долга и одлична акција по која Ашковски одлично го најде Миовски, кој одкосо од десно се избори за позиција и го најде патот до голот на противникот, и конечно, донесе предност за Македонија.

Треба да се напомене дека на 0-0 во добра прилика беше Радосавлевиќ кој лошо шутираше само крај голот.

До крајот на мечот без посерозни возбудувања пред двата гола, на крајот уште една победа на Македонија остварена во вториот дел.

Се вчитува...