Веќе нема дилеми, Бојан Миовски ќе се пресели во Глазгов Ренџерс откако македонскиот голгетер денеска допатува во шкотската метропола, каде по деталните лекарски прегледи ќе го стави потписот на четиригодишниот договор со новиот клуб.
Глазгов Ренџерс дваесетина дена преговараше со Џирона, а откако Миовски воопшто не беше вклучен во тимот минатиот викенд беше јасно дека договорот е многу блиску. На крајот, шкотскиот и шпанскиот клуб се договорија за отштета од 3 милиони фунти (Џирона плати 6,8 милиони за да го доведе од Абердин), но и 20% од следниот трансфер кога Миовски ќе биде продаден од Глазгов Ренџерс.
Македонецот од самиот старт инсистираше на перманентен трансфер и шкотскиот гигант му ја исполни таа желба, па се очекува Миовски до крајот на денот и официјално да потпише договор со Глазгов Ренџерс.
Ако транферот биде комплетиран навреме, Миовски ќе може да дебитира за Глазгов Ренџерс на големото дерби со Селтик закажано за в недела. Ренџерси го продадоа Игамане во Франција за 10,5 милиони фунти, на излезна врата е и Десерс, па стручниот штаб ќе нема многу избор и големи се шансите Миовски (ако биде регистриран навреме за настап викендов) да биде во тимот за пресметката со Селтик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

