Како што се приближува крајот на сезоната, така расте и бројот на заинтересирани клубови за Бојан Миовски, по одличната дебитантска сезона што Македонецот ја има во дресот на Абердин. Нашиот репрезентативец блеска во тимот на Абердин и со 17 погодоци е меѓу најдобрите стрелци во шкотската Премиер-лига, по што интерес за неговите услуги покажаа Лацио, Саутмептон, како и францускиот прволигаш Ремс.
Во оваа трка сега се вклучија уште две италијански екипи, и тоа Болоња и Специја, кои ги следат настапите на Миовски и се очекува во наредниот период да испратат понуди за македонскиот репрезентативец. Иако станува збор за тимови што според реномето се зад Лацио, она што му го нудат на Миовски е првотимски статус, нешто на што не би можел да се надева во римскиот клуб крај Чиро Имобиле.
Пред Македонецот се значајни предизвици, како во репрезентативниот така и во клупскиот дрес до крајот на сезонава, но нема сомнеж дека Миовски ќе има бројни понуди на маса и следното лето ќе треба да донесе одлука – дали да остане во Абердин или среќата да си ја побара на некое друго место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА