Бојан Миовски ги брои последните денови како член на Џирона откако шпанскиот клуб реши да се раздели од македонскиот голгетер една година по неговиот трансфер од Абердин. Миовски најдобриот период во кариерата го мина во Шкотска и желба на нашиот голгетер е да се врати назад на „островот“, а информациите од Англија говорат дека тој го избрал и новиот клуб каде би сакал да игра сезонава.
Глазгов Ренџерс е тимот чии бои Миовски сака да ги брани, по што тој добил зелено светло за да преговата со „сино-белите“ од „Ајбројкс“ за камбек назад во шкотската Премиер-лига. Иако и Селтик покажува сериозен интерес за неговите услуги, желба на Миовски е да го облече дресот на Глазгов Ренџерс, тим што има сериозни проблеми со навалната линија и каде Македонецот речиси сигурно ќе ја има улогата на стандарден првотимец.
Миовски има само еден услов, да не се враќа назад во Џирона, па дури и доколку летово стане збор за позајмица, во договорот да има клаузула за задолжителен откуп од шкотскиот гигант наредното лето. Целта на нашиот репрезентативец е јасна – да ја остави зад себе кошмарната сезона во Ла Лига и да продолжи назад во лигата во која блескаше во дресот на Абердин.
Бојан Миовски постигна вкупно 44 гола во двете сезони како член на Абердин, импресионираше со одлични игри и на дерби натпреварите, па не е изненадување што најголемите шкотски клубови летово се обидуваат да го доведат во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

