Бојан Миовски направи вистински потег кога од неколкуте понуди на маса при заминувањето од Унгарија ја избра онаа на Абердин. Македонскиот репрезентативец се наметна како прва опција во нападот и моментно е водечки стрелец на својот тим, кој игра одлично и се наоѓа на третото место на табелата во шкотската Премиер-лига, зад водечките Селтик и Глазгов ренџерс.
Миовски не го крие воодушевувањето од својата деби-сезона во Шкотска, најавувајќи дека ќе стори се за да ја оствари целта што ја зацрта при доаѓањето во Абердин.
„Кога дојдов овде реков дека сакам да постигнам 20 гола во првата сезона. Сега имам 18, но има и уште неколку натпревари до крајот, доволно време за да го остварам она што го сонував од првиот ден кога дојдов во Шкотска. Се чувствувам одлично, тимот игра прекрасен фудбал. Крај себе во нападот го имам Дук, меѓу нас не постои никакво ривалство бидејќи одлично се надополнуваме. Тој е физички посилен, знае да ја задржи топката, со што ми овозможува полесно да се движам и да втрчувам зад противничката одбрана. Се чувствувам полн со самодоверба, имавме серија од седум победи во низа, играме наш препознатлив стил на игра и верувам дека ќе продолжиме со добар фудбал“, изјави Миовски за шкотските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

