Македонската репрезентација од вечерва е во Торшавн каде во сабота (7. септември) од 15 часот ја очекува првиот натпревар од новата сезона во Лигата на нациите, против Фарските острови.
Офанзивецот Бојан Миовски вели дека желбата на саботниот дуел ќе биде да се даде брз гол, како потоа полесно би се минувало низ натпреварот против секогаш незгодните фудбалери на Фарските острови.
„Заврши моментот на пријателски натпревари низ кои се воигруваме, па сега ни се важни бодовите и да се квалификуваме на едно големо натпреварување. Во одлична група сме, фаворити сме и тоа треба да го покажеме на терен. Мислам дека сме подготвени, од прв до последен и се надеваме дека ќе почнеме со три бода. Фарски острови е противник кој мора многу сериозно да го сфатиме и од првата минута да бидеме на висината на задачата“ – вели Миовски притоа дополнувајќи:
„Треба да ја почитуваме стратегијата на селекторот и да играме тимски за да го отвориме резултатот колку што е можно побрзо. Доколку не дадеме гол брзо ќе биде тешко за нас, но се надевам дека тоа нема да биде така, се надевам дека рано ќе дадеме гол и ќе биде полесно“.
Миовски се уште чека на вистинските свои гол-моменти во националниот дрес, но вели дека нема притисок, се надева дека наскоро ќе дојдат и головите за репрезентацијата.
„Никогаш немам притисок, ги знам моите квалитети од многу поодамна, мотивација ми е да давам голови и за клуб и за репрезентација, секогаш кога сум на терен давам 100 %, па мислам дека ќе дојдат и головите. Играм во топ три лиги во светот и секако дека тоа е големо достигнување. Нормално дека ми е чест што оваа сезона ќе играм во Лигата на шампионите и тоа искуство сакам да го искористам и да се наметнам како носител во иднина и да бидам голгетер“ – истакнува Миовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА