Бојан Миовски би можел летово повторно да ги промени клупските бои откако македонскиот голгетер не ја доби шансата што ја заслужува во дресот на Глазгов Ренџерс.
Честите тренерски смени се одразија на неговата форма, а новиот стратег Дени Рол очигледно им дава предност на Јусеф Шермити и на Рајан Надери во однос на 26-годишниот Македонец. Кога минатото лето беше доведен од Џирона македонскиот ас беше најавен како нов лидер на нападот на Глазгов Ренџерс, но ситуацијата сега е целосно променета.
Шермити е прв избор на тренерот Рол, овој фудбалер постигна и хет-трик во последната на дербито со лидерот Хартс (4-2), додека Миовски одигра вкупно четири минути на последните две лигашки средби за ренџерси.
Шкотските медиуми информираат дека Миовски воопшто не е задоволен од ваквата ситуација, особено бидејќи се прикажува во добро светло на куп-натпреварите на кои добива шанса како стартер и редовно ги тресе противничките мрежи.
Доколку не добие шанса во тимот на Глазгов Ренџерс во трката за титулата во Премиер-лигата, нашиот ас сериозно ќе почне да размислува за заминување од Шкотска, во тим каде што посериозно ќе се смета на неговите услуги, нешто што Миовски со своите квалитети дефинитивно го заслужува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

