Бојан Миовски беше стартер за Абердин на синоќешниот дуел со Сент Џонстон во првото коло од шкотската Премиер-лига, но македонскиот репрезентативец најверојатно нема уште долго да остане дел од овој клуб.
Нашиот голгетер со месеци е поврзуван со трансфер во друг клуб, а последните информации говорат дека две екипи се подготвени да влезат во трка за да го осигураат потписот на Миовски до крајот на овој месец.Станува збор за италијанскиот прволигаш Џенова како и за новиот англиски премиерлигаш Саутемптон, кои веќе имаат подготвено понуди што во следните 48 часа ќе бидат доставени до Абердин.
Шпанскиот Еспањол понуди три милиони фунти, што беше експресно одбиено од шкотскиот премиерлигаш, па се очекува понудите на Саутемптон и на Џенова да бидат значително повисоки од онаа на екипата од Барселона.
Абердин од почетокот на летово инсистира на отшета од шест милиони фунти за Македонецот, но откако ниту еден од заинтересираните клубови не одговори на оваа сума се очекува Шкотите да прифатат и пет милиони, со клаузула за процент од следниот трансфер.
Останува да се види разврската, но за очекување е Миовски по извонредната ланската сезона во која постигна 26 погодоци за Абердин да направи чекор напред во кариерата и да се пресели во една од Топ 5 лигите во Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА