Бојан Миовски се појави на стартот на подготовките на Абердин, а македонскиот ас не го крие задоволството што веќе се наоѓа во тренажен процес, по тешката повреда заработена пред крајот на ланската сезона.
Нашиот голгетер настрада при еден брутален старт на Тиери Смол на дуелот со Сент Мирен, за среќа не дојде до скршеница на скочниот зглоб, со што значително се намали и времето на рехабилитација.
„Тие денови на исчекување беа страшни… два три дена воопшто не спиев чекајќи ги резултатите од прегледите. За среќа, немаше скршеница, мирував кратко време, но еве веќе можам да тренирам. Да се биде повторно на тренинг еден месец по така сериозна повреда, тоа е навистина фантастично“, вели Миовски.
Прогнозите на лекарскиот тим велат дека тој наскоро ќе може да се приклучи на тренинзите на екипата на Абердин.
„Тренирам индивидуално, сега почнувам со тренинзи со топка. Ако се е како што треба, следната седмица би требало да тренирам со екипата. Не верував дека ќе имам толку среќа, рехабилитацијата се одвива одлично. Неверојатно е да можам да трчам само еден месец по онаа тешка повреда. Ми недостигаат соиграчите и едвај чекам да им се приклучам на тренинзите“, истакна Бојан Миовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА