Бојан Миовски го привлече врз себе вниманието на бројни клубови со добрите игри во дебитантската сезона во шкотскиот клуб Абердин, што ги пренесе и во репрезентативниот дрес, постигнувајќи го победничкиот гол на последниот дуел со Фарските Острови.
За Миовски се интересираат францски Ремс, потоа англиски Саутемптон, италијанските клубови Болоња, Специја и Лацио, а неговата вредност за помалку од една година скокна на четири милиони евра. Македонецот останува скромен и фокусиран на настапите за Абердин, но во последната изјава за медиумите обелодени и дека негова омилена дестинација по заминувањето од Шкотска би била англиската Премиер-лига.
„Сакам да му помогнам на Абердин да ги оствари зацртаните цели, тоа е најдобар начин да им се оддолжам на луѓето од клубот што имаа доверба во мене и ме доведоа во Шкотска. Нема зошто да кријам, моја желба е следна дестинација да ми биде тим од Топ 5 лигите во Европа. Секој сонува да игра во Премиер-лигата во Англија и јас не сум исклучок, нема дилема дека тоа е најсилната лига во светот. Мој омилен клуб за кој навивам од дете е Реал Мадрид, а кога станува збор за Премиер-лигата, таму сум фан на Манчестер Јунајтед“, изјави Миовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА