Миовски си оди од Шкотска: Два клуба останаа во трката по „Супер Бојан“

Бојан Миовски замина на одмор по последните настапи за македонската репрезентација, но неговиот агент веќе работи напорно на обезбедување на летен трансфер на нашиот голгетер.

Миовски има сезона за паметење постигнувајќи 26 погодоци за Абердин, па шкотскиот клуб оцени дека е дојден вистински момент да го продаде Македонецот. Проблем претставува отшетата од шест милиони фунти на која инсистираат „црвените“ од Абердин, поради која веќе се откажаа шкотските гиганти Селтик и Глазгов Ренџерс, кои немаат намера да платат богатство со што Миовски би станал најскап трансфер меѓу два клуба од оваа земја во историјата на шкотската Премиер-лига.

Во меѓувреме и Феенорд најде поинаква опција за нападот, па во трката за Миовски сега останаа само два клуба, италијанска Болоња и англиски Саутемптон. „Болоњезите“ ги очекува играчки ремонт по заминувањето на тренерот Мота, а прв кој ќе си замине е голгетерот Циркзе, кој има клаузула од 40 милиони евра и се наоѓа на листата со желби на неколку европски гиганти. Болоња ќе има доволно пари за да донесе нов голгетер, а високо на листата со желби е токму Миовски. Овој клуб има и добра традиција со трансфери од Шкотска, ако се знае дека пред неколку години го доведе Арон Хики од Хартс за 1,5 милиони фунти, пред да го продаде за неколку пати повисока сума од на Брентфорд.

Саутемптон преку бараж успеа да обезбеди камбек во Премиер-лигата, а „светците“ сега планираат да ангажираат неколку нови фудбалери со кои би можеле да се изборат во битката за опстанок што ги очекува. Понудата од шест милиони фунти за Миовски ќе биде официјално испратена во следните неколку дена, а останува да се види дали нашиот голгетер ќе прифати трансфер во Саутемптон или во меѓувреме ќе ги интензивира преговорите со Болоња, тим со кој би имал можност да заигра и во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...