Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски уште еднаш е спасителот за својот Абердин. Со нов гол за шкотскиот премиерлигаш синоќа го спаси од пораз Абердин на дуелот против Хелсинки во Конференциската лига на УЕФА, за конечни 1-1.
Ова е прв европски бод на Абердин по цели 16 години, а трет европски гол и за Миовски сезонава.
Сезонава Бојан има веќе осум гола во дресот на Абердин во сите натпреварувања, издвојувајќи се, без сомнение, како клучна фигура на тимот и дефинитивно миленик на неговите најверни навивачи.
„Бевме многу подобри во второто полувреме, откако и менаџерот инсистираше да продолжиме агресивно а шансите сами ќе дојдат“ – истакна Миовски по синоќешниот дуел притоа дополнувајќи:
„Израмнувачкиот гол беше одличен момент да продолжиме кон победа, и потоа имавме уште една одлична шанса но не ја искористивме. А, во Европа едноставно мора да се користи секоја шанса за погодок. Секако бодот не може да го отфрлиме, но искрено разочарани сме малку од ремито затоа што имавме можности и за победа“.
Миовски не крие дека е среќен што успеа да го постигне својот прв гол во групна фаза на европски натпреварувања…
„Тоа беше секако убав момент за мене. Како фудбалер секако работите за овие моменти. Финиширав убаво со глава, и секако среќен сум со погодокот“ – вели Миовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

