Бојан Миовски е го криеше задоволството по одличниот настап на дуелот од лига-купот против Хибернијан, на кој Македонецот го постигнна својот прв гол во дресот на Глазгов Ренџерс.
„Секогаш е убаво чувството кога ќе се постигне првиот гол во новиот клуб. Секако дека сум пресреќен, ова е прв од многуте погодоци што ќе ги дадам за Глазгов Ренџерс. Тоа беше одбиена топка, но како напаѓач секогаш треба да си внимателен и да следиш што се случува околу петерецот, топката дојде до мене и успеав да ја сместам во мрежата. Дојдов пред самиот крај на преодниот рок, потоа заминав со репрезентацијата, така што немав многу време за тренинзи со момците. Секако ќе треба време за да се адаптирам, јас да се навикнам на нивните движења и акции, тие на моите движења, но верувам дека ќе бидеме подобри и подобри на секој нов меч“, изјави Миовски.
Тој е убеден дека овој триумф ќе помогне Глазгов Ренџерс да излезе од резултатската криза, но клучно е тимот да покаже единство, на теренот и надвор од него.
„Ова беше многу добра тимска изведба, од самиот почеток игравме добро, доминиравме, многу важно беше што го постигнавме тој прв погодок. Секако, потоа полесно креиравме шанси, не грешевме да избрзуваме како на претходниот меч, овојпат бевме смирени, трпеливи и создававме ситуации во противичкиот шеснаесетник. Ние сме екипа, некогаш победуваме, некогаш губиме, но треба да останеме екипа, ова е Глазгов Ренџерс и нормално е на секој натпревар да се оди на победа, но тоа е можно само ако сме тука еден за друг, и во добрите моменти, но и во периодите кога не ни оди баш најдобро“, истакна македонскиот голгетер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

