Бојан Миовски не го криеше разочарувањето по примениот гол во 96. минута со кој Македонија остана без победата на дуелот против Велс (1-1).
Токму Миовски беше стрелец на водечкиот гол за нашата национална селекција во 91. минута, но падот на концентрацијата во последните секунди пресудија наместо посакуваните три, вечерва да освоиме само еден бод.
„Примивме гол во последните десет секунди, тоа може само да ни биде мотив за во иднина, да не издигне како репрезентација. Болно е да се зборува кога ќе примите гол во самиот финиш. Знаевме дека играме со одлична репрезентација, 90% од играчите им се од Премиер-лигата. Останавме компактни, чекавме своја шанса, што дојде во вистински момент… За жал, кога мислевме дека се е завршено, пресуди тој психолошки момент, а селекција како Велс знаеше како да го казни тоа. За да играте на едно СП морате да сте фокусирани од почеток до крај на секој натпревар… нормално дека е болно сега да зборуваме за тоа, ќе видиме, ќе анализираме со ладни глави и ќе продолжиме понатаму… Одиме од меч во меч, следна е Белгија уште една одлична репрезентација, можеби со подобри поединци од Велс, но мислам дека Велшаните се подобра колективна репрезентација“, изјави Миовски.
Тој се осврна и на оној момент од 59. минута, кога мечот беше прекинат, за сите присутни на стадионот со громогласен аплауз да упатат последен поздрав до жртвите од страшната трагедија во Кочани.
„Нормално, беше тешко да се играат овие две средби по она што се случи во Кочани. Благодарност до целата јавност за поддршката во овие 90 минути. Навистина е жално, но животот продолжува… жртвите нека почиваат во мир“, изјави Миовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА