Македонската репрезентација се подготвува за претстојните два септемвриски натпревари, пријателскиот со Саудиска Арабија (04. септември, Прага) и Лихтенштајн (7. септември, Скопје) од квалификациите за СП 2026.
Поради повреда, Димитар Митровски нема да биде дел од септемвриските пресметки. Фудбалерот од средниот ред на Олимпија Љубљана ќе ги пропушти натпреварите поради повреда на задната ложа здобиена на загревање пред синоќешниот натпревар од словенечкото првенство. На попладневниот тренинг македонската селекција ќе се комплетира со пристигнувањето на Елиф Елмас и Дарко Чурлинов.
Бојан Миовски, кој пред само два дена го реализираше својот голем трансфер во шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс, ги сподели своите очекувања од новата страница во клупската кариера, како и очекувањата од натпреварите во националниот тим.
„Кога дојде понудата од Ренџерс не се двоумев, тренерот ми даде дополнителна поддршка и среќен сум поради тоа. Дебитирав против Селтик, прв пат почувствував таква атмосфера, знаеме какво е ривалството меѓу двете екипи. Во Џирона не беше се сјајно, имавме лоша сезона, колективно и индивидуално. Едноставно бев во погрешно време таму и морав да донесам одлука за мојата иднина. Се вратив во шкотската лига кадешто претходно настапував во Абердин, но сега во многу поголем историски клуб“ – вели Миовски и дополнува:
„Имаме позитивна форма во репрезентацијата, се надевам дека ќе го продолжиме тој добар ритам и на натпреварите кои ни следуваат. Треба добро да се подготвиме за Саудиска Арабија која е многу сериозна репрезентација, а потоа максимално да се фокусираме на Лихтенштајн. Денеска нема слаби селекции и однапред добиени натпревари“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

