„Миовски вреди за сите пари – со головите за Абердин тој ќе стане прв напаѓач и за Македонија“

Бојан Миовски има одличен старт на авантурата во Абердин, откако македонскиот напаѓач веднаш се избори за улогата на стартер и максимално ја оправдува довербата на стручниот штаб.

Двата гола што ги постигна на последниот дуел со Сент Мирен се само потврда за квалитетите на македонскиот интернационалец, но и за задоволство кај тренерот Гудвин, кој инсистираше на негово доаѓање од МТК Будимпешта.

„Тој е момче што работи многу напорно и сака да напредува во секој поглед. Имаше четири убави шанси во саботата и реализираше две, ако успее да ја задржи таа успешност од 50% за реализација на шансите што ќе му се создаваат, мислам дека ќе даде многу голови. Она што го знам е дека тој сонува да  биде прв напаѓач на македонската репрезентација, да биде прва опција во националниот тим. Ние сме тука да му помогнеме, Абердин е сериозен клуб и не се сомневам дека ако дава многу голови за нас ќе стане и прв напаѓач во репрезентацијата“, изјави Гудвин.

Тој се осврна и на критиките што ги добиваше пред околу еден месец, откако реши да плати над половина милион фунти за да го доведе Миовски во Абердин.

„Не е тајна дека Бојан беше сериозна инвестиција за нашиот клуб, слушнавме многу сомнежи околу висината на сумата што ја платсивме за него. Сега кога луѓето гледаат колку е квалитетен, мислам дека им е јасно дека Миовски вреди за сите пари. Впрочем, ако денеска го ставиме на пазарот верувам дека не само што лесно ќе си ги вратиме парите, туку и добро ќе заработиме на него. Сепак, тоа не е нашиот план, ние сакаме тој да остане и во наредните години да биде најдобар стрелец“, полн со комплименти е Џим Гудвин за квалитетите на Бојан Миовски.

Се вчитува...