Страстите во Јувентус целосно се смирија откако Леонардо Бонучи и тренерот Масимилијано Алегри ги закопаа „воените секири“. Дефанзивецот кој во меѓувреме се врати и во првиот тим на „старата дама“, потврди дека недоразбирањата ги оставил зад себе и целосно е фокусиран кон иднината. Како дел од договорот за „примирје“ италијанскиот репрезентативец се согласил како казна за своето однесување да го однесе целиот тим на Јувентус на вечера.
„Откако го разрешивме проблемот, мојот однос со Алегри е подобар од претходно. Секогаш сум велел дека од негативните работи треба да се извлече она што е позитивно. Јас сум таков како човек, навикнат сум да се борам, жал ми е за тоа што се случи, но целиот тој инцидент само уште повеќе го зацврсти нашиот колектив. Тренерот е тој што ги донесува одлуките за доброто на групата, тој ми ја одреди казната и јас се согласив на неа – следната седмица ќе платам вечера за целата екипа“ – изјави Леонардо Бонучи.
Одличниот дефанзивец откри и дека се чувствувал многу лошо откако како дел од казната бил принуден да го гледа мечот со Порто во ЛШ од трибините на стадионот во Португалија.
„Седев и гледав, а место не ме држеше. Не можам да гледам толку значаен натпревар од страна, но дефинитивно извлеков поука од целата ситуација“ – истакна Бонучи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА