Димитар Мираковски од денеска и официјално повеќе не е тренер на Работнички, откако раководството на „центарци“ реши да ја прекине соработката со овој тренер, потенцирајќи го како главен виновник за слабите резултати од стартот на оваа сезона.
Дека Мираковски е завршена приказна за Работнички беше јасно по фијаското на вечното дерби со МЗТ Скопје, а Управниот Одбор на денешниот состанок само го официјализираше прекинот на соработката со овој стручњак, кој по вторпат доби шанса да биде дел од сериозен проект на „центарци“, но не ги оправда очекувањата.
На денешниот состанок не била донесена одлука околу новиот тренер на Работнички, кој ќе биде именуван до крајот на оваа седмица. Голем фаворит во оваа трка е Горан Самарџиев, поранешниот репрезентативец кој освои бројни трофеи како играч со „центарци“, а сега е блиску и до преземање на кормилото на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив. Во опција се уште неколку домашни стратези, но Самарџиев е фаворит и на управата и на навивачите, па доколку не дојде до пресврт во наредните 48 часа, кавадарчанецот ќе потпише договор со клубот.
Тој моментно е без ангажман откако ја почна сезоната во Словачка, како предводник на Комарно, но и покрај добрите резултати реши да си замине од клубот. Самарџиев пред три сезони го предводеше Еуро Никел до финалето во плејофот од македноскиот шампионат, а нема сомнеж дека со овој тим на Работнички од него ќе се очекува борба за трофеите во мак-баскетот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА