Мираковски ќе шефува со „новиот“ Работнички

Марин Докузовски останува на ставот дека му е потребен одмор од секојдневните ангажмани во Работнички, па трофејниот стратег по истекот на договорот дефинитивно си замина од кормилото на „центарци“. Веќе е познато и името на неговиот наследник – долгогодишниот капитен на Работнички, Димитар Мираковски, кому ќе му биде доделена одговорната улога да го замени „докторот“ на клупата на „црвено-белите“.

Мираковски до пред неколку месеци настапуваше во дресот на Работнички, но поради незгодни повреди предвреме ги заврши финалните серии во последните две натпреварувачки сезони. Во договор со управата, тој дефинитивно ја завршува кариерата и ќе заплови во тренерски води. Поранешниот македонски репрезентативец веќе почнал да го планира ростерот за новата сезона, преговарајќи со кошаркарите кои сака да ги доведе во Работнички.

Во прв момент приоритет е задржување на поголем дел од кошаркарите кои и лани беа дел од Работнички. Засега нема потпис на договор со ниту еден играч, но се очекува во текот на месецов Мираковски да го екипира „костурот“ на ростерот, што потоа ќе биде „дошминкан“ со странски засилувања, за Работнички и во новата сезона да атакува на трофеи во мак-баскетот.

Што се однесува до Марин Докузовски, „докторот“ се релаксира на заслужен одмор по освоениот куп-трофеј и загубеното финале во плеј-офот. Овој стручњак се поврзува со директорска функција во Работнички, а останува сериозен кандидат и за селектор на Македонија, со оглед на фактот дека раководството на КФСМ нема да брза со изборот за наследник на Давитков во ситуација кога првите средби од квалификациите за Евробаскет 2021 сениорите ќе ги играат дури во февруари 2020 година.

Се вчитува...