Работнички го претрпе и вториот убедлив пораз на „балонот“ во АБА2 лигата откако загуби со 89-73 во дуелот со Младост од Земун. Тимот од „Градски Парк“ покажа бледо лице на овој натпревар во кој не можеше да се справи со високите играчи на српскиот состав. Како причина за поразот тренерот Мираковски повторно го назначи уморот на играчите кои во кур период одиграа голем број на натпревари.
„Имавме желба да го завршиме турнирот со победа, но видовме дека моментално не се реални шансите да можеме да издржиме четири натпревари во седум, осум дена, со трите во македонското првенство во 13 дена одигравме седум натпревари. Честитки за екипата на Младост Земун која и без разлика на проблемите на овој натпревар настапи со главните играчи и е навистина цврста и физички јака екипа на која не можевме да одговориме. Се виде дека против екипи кои се физички појаки од нас не можеме да држиме ритам“ – изјави по натпреварот Димитар Мираковски.
Тренерот на Работнички најави ангажман на нови играчи со кои треба да се рашири клупата и да добие доза на свежина на самите натпревари.
„Сега ни е појасна сликата што треба да промениме и каде треба да се засилиме. За овој ритам на натпревари да може да се издржи мора да се доведат уште неколку играчи, физички појаки за да може да издржиме“ – додаде младиот стратег на тимот од „Градски Парк“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА