Вечното дерби и убедливиот пораз од МЗТ Скопје од 59-73 и дефинитивно ќе биде последниот меч на Димитар Мираковски на чело на Работнички, откако поранешниот репрезентативец го потроши и последниот кредит што го имаше кај раководството на „центарци“. Одлуката е веќе донесена и Работнички во наредните денови ќе разговара со кандидатите за нов тренер, со јасна цел – што поскоро да биде најдено адекватно решение за одговорната функција.
„Центарци“ создадоа тим што на хартија беше сериозен кандидат за највисок пласман. А кога резултатите не одат како што треба, секогаш прва „лета“ главата на тренерот. А резултатите на Работнички сезонава се крајно разочарувачки, три порази на трите натпревари во турнирот во Скопје од ФИБА Европа Купот, па шокантниот неуспех во Чаир, за „шлаг на тортата“ да биде апсолутната немоќ против МЗТ Скопје.
Неможноста да го извади максимумот од екипата, како и конфликтите со дел од ланските играчи (Горјан Марковски беше избркан од клубот и испратен во ТФТ, додека Малешевиќ само тренира и зема плата од Работнички, затоа што не е дел од плановите на тренерот), се покажаа како пресуден фактор за Мираковски да си замине повторно неславно од најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.
Ако ланските резултати можеа да се оценат солидни, во прв момент кога Работнички гласно тргна со шампионски амбиции, експресно стана јасно дека нема тренер да ги исполни таквите желби на управата и на навивачите. Затоа, нешто подоцна отколку што требаше, Мираковски веќе е завршена приказна за Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА