Женската ракометна репрезентација на Македонија во баражот за СП 2017 со Шведска во составот ќе ја има и Мирјета Бајрамовска. Искусниот лев бек на Крим по неколкугодишна пауза се враќа во националниот состав и со својот квалитет и искуство ќе биде од голема помош во претстојните мечеви со Шведска.
„За вакви натпревари потребно е искуство, а Бајрамовска е искусен и клвалитетен играч и ќе ни биде од голема помош на надоворешната линија заедно со Елена Георгиевска. Добиваме поголема сигурност во играта и играч кој со своето искуство може да им помогне на помладите репрезентативки во составот. Разговаравме со Бајрамовска и таа прифати да се врати во репрезентацијата и ќе биде во составот за претстојниот бараж со Шведска“ – истакнува селекторот на македонската репрезентација Симе Симовски кој денеска треба да го објави комплетниот список за претстојниот бараж двомеч со Шведска.
Мирјета Бајрамовска за репрезентацијата последен пат настапи на ЕП 2012 во Србија, а потоа поради одредени нидоразбирања со претходното раководство на РФМ, таа реши да се повлече од националниот тим и и се посвети само на клупската кариера. Бајрамовска е една од најуспешните македонски ракометарки во изминатите десетина години. Кариерата ја почна во битолски Пелистер, а како голем талент потоа настапуваше за Еуростандард ЃП и за Кометал ЃП. По распадот на Кометал, Бајрамовска извесен период настапуваше за Елпидес Драма во Грција, а потоа за Металург. Во последните три години таа со успех го носи дресот на словенечки Крим Меркатор.
Првиот натпревар од баражот за СП 2017, против Шведска, македонската репрезентација го игра на домашен терен во Скопје на 10 јуни. Реваншот е на 13 јуни во Истад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА