Владимир Мирковски од почетокот на сезонава го предводи Работнички, сезона во која младиот стратег се соочи со огромни проблеми. Финансиските долгови придонесоа да дојде до блокада за трансфери, клучните играчи си заминаа среде сезона, а сето тоа се одрази врз резултатите, па „центарци“ моментно се наоѓаат на седмата позиција на табелата.
Серијата порази беше прекината со победата во последното коло против Кожув, но Мирковски е свесен дека клучните битки допрва претстојат.
„Сите добро знаат со какви проблеми се соочувавме, но искрено верувам коа велам дека најтешкото мина, верувам дека пред Работнички се подобри денови. Ситуацијата на табелата е далеку од идеална, но првенството е израмнето, две победи не делат од четвртото место, што јасно покажува колку се значајни овие наредни натпревари. Фокусирани сме на следниот меч со Гостивар и ќе сториме се за да стигнеме до победата. Работиме напорно за да го вратиме Работнички онаму каде што припаѓа“, истакнува Мирковски.
„Центарци“ во последните месеци останаа без сите американски засилувања кои беа во тимот, си замина и репрезентативецот Ѓуроски, но и покрај забраната за трансфери беа доведени Костоски и Грушановиќ, кои можеа да бидат регистрирани бидејќи и лани беа дел од македонскиот шампионат.
„Успеавме да донесеме двајца квалитетни и искусни кошаркари кои сигурно ќе ни бидат од помош во овие клучни натпревари. Со овие трансфери го заокруживме ростерот за оваа сезона, се надевам дека ќе немаме проблеми со повреди и дека ќе бидеме комплетни до крајот на сезоната. Јас верувам во квалитетот на мојот тим, момците работат напорно и ќе сторат се за да го извлечат клубот од моментната позиција на табелата. Како што реков, верувам дека најтешкото го оставивме зад нас и дека ќе тргнеме со забрзани чекори напред“, вели тренерот на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

