Мирковски: Густиот распоред ќе ја даде вистинската слика за Куманово

Еден од најпогодените тимови од коронавирусот беше „сино-белиот“ состав од Куманово. Избраниците на Владимир Мирковски мака мачеа да фатат натпреварувачки ритам кој постојано беше прекинуван со позитивни случаи во составот или во противничките табори, па и покрај тоа што Куманово оваа сезона се бори на два фронта, беа одиграни само девет натпревари за три месеца. Во малиот број на натпревари, Куманово забележа вкупно пет триумфа во двете натпреварувања.

„И покрај проблемите од тренерски аспект јас би ја оценил оваа полусезона како успешна. Во нашето првенство од пет натпревари имавме три победи и еден несреќен пораз, додека во БИБЛ имавме половичен скор, при што целта во ова првенство ни е да го промовираме градот и да играме надвор од границите на нашата држава, така што немаме некои преголеми амбиции за Балканската лига“ – изјави Владимир Мирковски.

Сол на раната за кумановци додава и фактот дека два од поразите беа претрпени на „една топка“, но младиот состав е тука да учи, а истите ќе бидат поука за тоа што следи.

„Нашата екипа е релативно млада и голем дел од кошаркарите не биле носители во своите екипи со тоа што во некои ситуации и се чувствува тоа. Најголем проблем ни беше изолацијата и бевме ограничени во фаќање на оној натпреварувачки ритам, од што произлезе и тоа да ни се случуваат почетнички грешки, кои ги опфатија и искусните играчи“ – додава тренерот на Куманово.

Големиот број на одложени натпревари ќе донесат густ распоред во таборот од „Перо Наков“, кој настрана од уморот ќе биде добредојден со цел да дојде до израз вистинското лице на Куманово. Како што велат кумановци, калкулирање нема да има, а на секој натпревар се оди на победа.

„Густиот распоред ќе биде добредојден за нас со тоа што ќе можеме да ја видиме вистинската слика и вистинските можности на екипата. Се надевам дека повеќе нема да имаме проблеми со вирусот, ќе бидеме здрави и ќе се чуваме од повреди. Најважно е да излеземе на терен, да фатиме континуитет и да почнеме да играме кошарка. Калкулирање нема да има бидејќи јас како тренер и Куманово како тим секогаш одиме на победа, на секој натпревар влегуваме мотивирано и со цел да го дадеме максимумот. Имаме 12 кошаркари и можност да се справиме со густиот распоред. Ќе ја поделиме минутажата при што секој кошаркар на секој натпревар може да одигра по 20 минути што воедно е и еден јак тренинг“ – додава младиот стратег.

Пеколното темпо на „сино-белите“ веќе започна со дуелот против Ибар во БИБЛ лигата, а продолжува во полно темпо од следната седмица. Кумановци ги очекуваат два дуела кај источниот сосед на 13. и 14. јануари против Берое и Академик, а три дена подоцна и дуел против Вардар на домашната сцена.

 

Се вчитува...