Работнички во рамките од третото коло од Супер-лигата стигна до првата победа, успевајќи да триумфира на домашен терен над составот на Тиквеш со резултат 99-87.
Тренерот Владимир Мирковски се соочи со големи проблеми од стартот на сезонава, поради стари долгови беше блокирана регистрацијата на странските засилувања, поради што следеа порази од Пелистер и од ТФТ, средби на кои Работнички настапи сериозно ослабен.
„Искрено верувам дека го оставивме најтешкото зад нас и дека отсега се ќе оди на подобро. Не беше лесно, минавме одлични подготовки со девет квалитетни средби, а кога требаше да го стартуваме првенството дојде онаа шокантна казна. Требаше да биде само еден меч, кога се продолжи и за дуелот со ТФТ играчите веќе станаа нервозни, дел од нив почнаа и да си бараат нови ангжамани. За среќа, ситуацијата се среди и настапивме комплетни против Тиквеш и стигнавме до победата. Успеавме да се консолидираме, но се уште има долгови. Се надевам дека општината и државата ќе го остварат ветеното и дека Работнички ќе застане на здрави нозе, како што му доликува на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив“, изјави Мирковски.

Она што е мннонгу важно, клубот повторно ќе има свој дом бидејќи изградбата на новата сала „Градски Парк“ е во заврша фаза.
„Тоа е она на што сме многу горди, Работинчки ќе има своја сала што е предуслов да бидете сериозен клуб и да напредувате. Се надеваме дека дербито од 10. коло против МЗТ Скопје би го играле во „Градски парк“, што би било одлично за нас, но и за македонската кошарка севкупно гледано. Време е овој спорт да поче да се движи напред, потребна е макотрпна работа, а според мене многу важно е и што повеќе наши екипи да учествуваат во меѓународни натпреварувања, дали во ФИБА или во АБА-лигата. И секако, заслужуваме како земја да имаме свој тим во АБА1 лигата“, истакнува стратегот на Работнички.
Тој се осврна и на вчерашниот триумф над Тиквеш, на кој „центарци“ во последната четвртина успеаја да го скршат отпорот на гостите од Кавадарци.
„Фактот дека во првите две кола бевме некомплетни значеше дека долго време немаме меч со целиот играчки кадар… сето тоа придонесе да влеземе со одредена тензија и грч во натпреварот. Тиквеш се покажа како квалитетен ривал, добро ни парираше, но на крајот пресуди нашиот квалитет и заслужено победивме. Среќен сум поради триумфот и верувам дека ќе ни помогне да играме уште подобро како што ќе одминува времето. Прва цел на Работнички е да влезе во Топ 6, потоа да стигнне и до полуфиналето…. можам да кажам дека лигата оваа сезона е многу израмнета, но верувам дека мојот тим може да го оствари она што сите го посакуваме“, оптимист е Владимир Мирковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

