Филип Миркуловски минатиот јуни беше дел од тимот што во фантастична игра ја совлада Чешка, надминувајќи ја негативата од шест гола од првиот меч во Злин и обезбедувајќи место на СП во Франција. За средниот бек тоа требаше да биде последен натпревар во репрезентативниот дрес, но Миркуловски уште еднаш ја покажа својата големина, се врати кога и беше најпотребен на националната селекција, па по настапот на мундијалот во Франција продолжува со игрите како еден од лидерите на „црвено-жолтите“.
Во пресрет на вечерашниот нов клучен натпревар на домашен терен со Чешка, Миркуловски е оптимист дека нашите ракометари ќе ја продолжат серијата добри игри во Скопје против денешниот ривал и на крајот повторно ќе се радуваат, за визата за ЕП 2018 во Хрватска.
„Веќе трет пат ни се случува да играме во јуни против Чешка за пласман на едно големо натпреварување. Можевме да ги разрешиме сите дилеми уште во Украина, имавме многу шанси да го решиме тој натпревар, но не успеавме. Доброто е што повторно се зависи само од нас, не ни требаат услуги од никого, туку со победа стигнуваме не само до пласан на ЕП, туку и до врвот на групата кој носи во вториот шешир од ждребот. Ние имаме предност на домашен терен, играме пред верните навивачи и очекувам во полна сала да забележиме нова победа и да се пласираме на Европското Првенство во Хрватска“ – изјави Миркуловски.
Противникот веќе има обезбедено пласман на ЕП 2018, но според Миркуловски тоа може да биде опасно за нашата селекција.
„Чесите се веќе пласирани и сигурно ќе влезат растоварени во денешниот меч, но тоа може да биде опасно за нас бидејќи знаеме дека некогаш токму кога се игра без никаков притисок се прикажуваат најдобри настапи. Ние чувствуваме и мал притисок бидејќи сме свесни дека можевме сите дилеми да ги отстраниме пред неколку дена во Украина, но сепак остануваме позитивни и фокусирани, доволно сме искусни за да одиграме онака како што знаеме и да ја оствариме зацртната цел“ – порачува Филип Миркуловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА