ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Филип Миркуловски на вечерашниот тренинг на македонската репрезентација работеше со намален интензитет поради повредата на зглобот на ногата. Засега се уште останува неизвесно колку искусниот плејмејкер ќе може да игра на утрешниот натпревар со Црна Гора, но Миркуловски ја смирува ситуацијата и се надева дека утре ќе биде на теренот во загрепска „Арена“.
“Имам мал оток на зглобот. Тоа ми е хронично, го имав тоа и порано. Вчера лошо доскокнав и ми отече зглобот. Но, мислам дека до утре ќе биде се во ред, па ќе видиме како ќе се одвиваат настаните“ – изјави Филип Миркуловски пред вечерашниот тренинг.
Медицинскиот тим на македонската репрезентација прави се што е во нивна можност повредата да биде навреме санирана, а Миркуловски да биде оспособен за натпреварот. Но, здравјето секако ќе биде во прв план, без разлика што за македонската репрезентација ова ќе биде исклучително важен дуел.
„Утре не очекува еден навистина тежок натпревар со Црна Гора. Тие изгубија релативно лесно од Германија, но ја гледаат нивната шанса со македонија. Можеби криеја нешто, можеби не се замараа многу. Така што утре очекувам исто така тежок натпревар. Утре мора да победиме инаку вчерашната победа нема да има никакво значаење. Ќе одиме чекор по чекор. Мислам дека сме добро подготвени, ќе одработиме уште еден тренинг и ќе излеземе на мегдан со Црна Гора“ – вели Миркуловски.
Одлуката дали ќе игра или не ќе биде донесена непосредно пред дуелот и ќе зависи од состојбата на зглобот. Резултатите ги чека и селекторот Раул Гонзалес и како што рече засега не размислува за евентуална измена во составот.
„ Не можам да кажам ништо сега. Ќе видиме како ќе биде состојбата со Миркуловски. Јас сега се уште не можам да кажам кој ќе игра или кој нема да игра“ – рече селекторот на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА