Миркуловски: Нема шанси да се штедам против Германија

ЕКИПА на ЕП во Загреб,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

 

Филип Миркуловски мака мачи со повреда на скочниот зглоб, но по слабиот старт на натпревар големиот борец беше принуден да влезе во игра. Издржа бројни жестоки стартови на противниците, постигна четири гола од исто толку обиди и сигурно беше меѓу најзаслужните за оваа голема победа.

„Пред се голема благодарност до физиотерапевтите кои направија чудо оспособувајќи ме за настап. Секогаш сум велел дека кога ќе сторам се за да играм за Македонија, тоа го направив и денеска, пресреќен сум за големиот триумф. Пред првенството велевме дека дуелот со Германија може да решава за првото место во групата, се случува токму тоа, па сега дополнително мотивирани ќе влеземе во пресметката со европските шампиони“ – истакна Миркуловски.

А дуелот со Германија е од уште поголемо значење за него ако се знае дека Миркуловски настапува во Бундес-лигата, во дресот на Вецлар.

„Едно е сигурно, нема да тактизираме за евентуално да одморам за да бидам максимално подготвен за вториот круг. Ќе дадам се од себе да играм и кога ќе излезам на терен ќе оставам срце на терен како и секогаш. Овој меч е премногу важен за да тактизираме, замислете да ја победиме Германија и да пренесеме четири бода во следниот круг“ – со оптимизам зрачи Миркуловски, кој и пред ова ЕП во изјава за ЕКИПА најави дека за него успех би претставувал пласман во полуфиналето.

Се вчитува...